За нас

Мисија

За нас

ООУ „Манчу Матак“ – Кривогаштани е училиште во кое учениците стекнуваат знаења, способности и вештини потребни за секојдневниот живот, во кое развиваат самодоверба и свест за сопствената индивидуалност и одговорност за своите постапки низ позитивните примери на соработка, почитување и помагање меѓу учениците, вработените и родителите. Училиште кое ги вклучува, образува и воспитува сите ученици без разлика на нивните способности, можности, социјална, етничка, верска или родова припадност и воспоставува меѓусебна толеранција и почитување на различноста.

Визија

Сакаме да бидеме:

– училиште во кое се мисли, прашува, создава, анализира, каде се развиваат индивидуални и колективни способности и вештини;

– училиште со современ амбиент, современи нагледни средства и помагала;

– училиште со мотивирани наставници и ученици;

– училиште кое гради партнерски однос меѓу учениците, наставниците и родителите од различна етничка припадност;

– училиште кое воспитува и образува среќен, оптимистичен и успешен ученик кој се развива со поттик на наставникот и поддршката од родителите и заедницата.

Историјат

За нашето училиште: ООУ „Манчу Матак“ – Кривогаштани

 

ООУ „Манчу Матак“ е лоцирано во неколку населени места, како централно во Кривогаштани, а со подрачни училишта уште во селата: Крушеани, Славеј, Врбјани, Годивле и Подвис, а во училиштето учат и ученици од селата: Кореница, Светомитрани и Врбоец.

Бројот на ученици во последниве 20 години се движи од 300 – 350 ученици, иако во претходните години имало многу повеќе. Бројот на паралелки во училиштето е 22, од кои 13 се чисти, а 9 комбинирани.

Централната зграда (каде учат и најголем број од учениците) се наоѓа во Кривогаштани, општина Кривогаштани, на регионалниот пат Прилеп – Крушево.

Училиштето можеме да го наречеме рурално според локацијата, но секако во сѐ друго е на многу повисоко ниво, а пред сѐ годините на постоење. Училиште во Кривогаштани постои уште од 1934 година кога е изградена првата училишна зграда. Со настава на македонски јазик е започнато 1946 година. Потоа, во 1949 година е изграден еден дел од денешната училишна зграда, а во 1980 година е дограден уште еден дел од денешната училишна зграда. Со текот на годините градени се и реновирани и подрачните училишни згради. Во поново време реновирани се училиштата во с. Врбјани и с. Крушеани. ЦОУ има претрпено помали измени до денес, но целосно не е реновирано: променета дограма, под, фискултурна сала, оградата и слично.

Училиштето има долгогодишна традиција на воспитно – образовна дејност. Во него отсекогаш работел висококвалификуван наставен кадар. Уште во најраните години по Втората светска војна имало голем опфат на ученици од овој крај.

Со текот на годините се добивани голем број награди и пофалби за наставниците и многубројни награди и признанија за учениците на натпреварите.

Оваа долгогодишна традиција се одразува со голем процент на наши ученици запишани во средно образование (последниве 20 години скоро 100%), со голем процент на наши ученици со завршен факултет, вработени по сите струки, но и со највисоки стручни и научни титули, во државата и надвор од неа.

Училиштето се одликувало и денес се одликува со голем ентузијазам и желба за високи резултати од страна на вработените, како и со ученици кои добиваат солидни и трајни знаења и имаат реално добри постигања во училиштето, но и потоа во школувањето и животот.

За нас
За нас
За нас

За патронот

Манчу Матак е роден во јануари 1920г. во Крушево, како петто дете во семејството на шивачот Ѓорѓи Матак. Основно образование завршува во родното Крушево, а потоа заедно со неговите браќа работи во дуќанот на татко му. Во 1932г. станува член на едно културно просветното друштво, каде за прв пат ги прима основите на комунистичкото движење, а потоа станува член на Комунистичката партија на Југославија. Во 1939г. станува војник во војската на Кралството Југославија. За време на отслужувањето на воениот рок учествува во демонстрациите на Сојузот на комунистичката младина на Југославија, а по окупацијата на Југославија е заробен и затворен во германски логор. По враќањето од логор, се вклучува активно во работата на Партијата, организирајќи штрајкови, печатејќи и растурајќи летоци. Заради тоа е повторно е уапсен и извесен период поминува во затвор. По излегувањето од затвор се вклучува во новоформираниот партизански одред „Питу Гули“ заедно со Наум Наумоски Борче, Шула Мина, Нико Доага и др. и станува негов партиски секретар. Во летото 1943г.одредот се поделува и Манчу заминал со делот кој продолжува да дејствува во Кичевско, Тетовско и Гостиварско. Таму е повторно уапсен и затворен во Тирана, Албанија од каде е ослободен по капитулацијата на Италија. По враќањето во Македонија се вклучува во баталјонот „Мирче Ацев“ каде станува командир на чета и учествува во низа на значајни настани за ослободителната борба во Македонија. Учествува во сите акции на својот баталјон, претежно во југозападниот дел на Македонија. Во една од тие акции, при нападот на бункер кај рудникот за момирок во близина на мариовското село Витолиште на 25 мај 1944г. Манчу Матак загинува на 24 – годишна возраст.

За народен херој е прогласен на 20ти декември 1951г.

Во плејадата на македонски херои кои не успеаја да ја дочекаат слободата на сопствената земја, спаѓа и името на нашиот Манчу Матак. Во знак на должна почит, денес неговото име го носи нашето основното училиште!